ALLCOOP Logo
Cherava Banner  

РЕКА ЧЕРАВА   


ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО СЛИВОТ НА РЕКА ЧЕРАВА

Оливер Аврамоски, АЛЛКООП Македонија

Web-мапа
Барај


 ПО ТЕЧЕНИЕТО НА РЕКА ЧЕРАВА


Под спектакуларниот Гури те Камјес

Под спектакуларниот карпест врв Гури те Камјес (Guri te Kamjes), кој се извишува на 1461 метри над морското ниво, извираат два силни потоци, кои, малку понатаму, во близина на селото Дардас (Dardhas; 986 м.н.в) се спојуваат создавајќи ја река Черава. Во горниот тек реката се слева по стрминте падини покриени со дабова шума во обнова, со стебла не пошироки од 10-16 cm во дијаметар и всина меѓу 11 и 15 метри. Шумата е прошарана со парчина голо земјиште, сега ливади, а претходно создадени со сечење на шумите во рамките на програмата на комунистичката власт за самопрехранување преку зголемување на обработливото земјиште. И покрај тоа што ерозијата не е толку интензивна како во долниот тек на сливот, водите на Река Черава набргу се заматуваат, затоа што реката тече покрај напуштениот рудник за јаглен во Дардас. Г-дин Дитор Фрахоли (Ditor Fraholli), претседател на комуната Дардас, го информираше „Тимот за проценка“, дека рудникот порано обезбедувал работа за 500 мештани; поради рудникот, бил направен асфалтираниот пат, кој го поврзува село Дардас со регионалниот пат Поградец-Корча. Сепак, ниската калорична вредност на лигнитот и застарената технологија користена во рудникот, го чинеле рударството непрофитабилно, поради што во доцните 1980-ти рудникот бил затворен. Остатоците од рудникот, незаштитените купишта јаловина, оставени покрај самото речно корито, уште долго време ќе претставуваат сериозен извор на загадување на водите и земјиштето во сливот. Неодржуван, патот е скоро потполно уништен, како и најголемиот дел од инфраструктурата, и граѓаните на комуната се соочуваат со голема сиромаштија. На денот на нашата посета, претседателот на комуната, ја селеше канцеларијата во ново реновирана зграда, симбол на нови, да се надеваме, подобри времиња за жителите од овој крај. Комуната Дардас се простира на површина од 83ha, се состои од само три села: Дардас, Стропцка (Stropcka) и Стеркањ (Sterkanj)) со 2459 жители (според пописот од 1989 г.).






Руинирани постројки на напуштениот рудник кај село Дардас, под
Гури те Камјес (во позадина)


Надолу, покрај реката, по патот до следното село, Стропцка, насекаде може да се видат купишта ѓубре и отворени бразди, кои наместо како одводни канали, служат како отворена канализација која на крајот се излева в река. Течејќи брзо надолу, помеѓу планината Гештењасит (Geshtenjasit; 1080 м.н.в) на север и стрмната планина Беширит (Beshirit;1216 м.н.в.) на југ, Река Черава наеднаш се смирува во акумулацијата близу Стропцка. Акумулацијата е изградена во 1989 г. како мерка за заштита од поплави, но и за наводнување. Првично направена да собира до 750000 m3, оваа акумулација е најголема во сливот. Со тек на време, капацитетот е поприлично намален заради наталожената мил, и акумулацијата има изгубено 4 m од оригиналната длабочина. Низводно од оваа акумулација, непосредно пред село Стропцка, се наоѓа друга, помала акумулација. Преку добро направен систем од цевки и отворени канали, водата од акумулацијата се користела за наводнување на средишното поле на Черава и соседните падини. Иако повеќето испрани јагленови честички се задржуваат во акумулацијата, растворените супстанции во водата за наводнување предизвикуваат сериозно закиселување и загадување со тешки метали на земјиштето низводно. По економските промени во раните 1990-ти, поголемиот дел од системот за наводнување не работи или е потполно запуштен. Нашиот тим го посети домот на г-дин Неџми Шулаку (Nexhmi Shkullaku) и накратко разговараше со неговиот татко, г-дин Шазиман Шулаку (Shaziman Shkullaku). Тој објасни дека повеќето луѓе во регионот живеат исклучиво од земјоделство. Тој нагласи дека, заради ситните парцели и недостигот од механизација, и покрај добрите услови за земјоделско производство, продуктивноста е многу ниска. Тој исто така додаде дека повеќето домаќинства во неговото село немаат септички јами и дека селото нема систем за водоснабдување. Сиромаштијата и бесперспективноста ги присилуваат младите да го напуштаат селото и да се селат во градовите – во Поградец, Корча, а најмногу во Тирана и во туѓина.

Web master: Oliver Avramoski


Предходна      Содржина     Следна