РЕКА ЧЕРАВА   


ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО СЛИВОТ НА РЕКА ЧЕРАВА

Оливер Аврамоски, АЛЛКООП Македонија

Web-мапа
Барај


 ПО ТЕЧЕНИЕТО НА РЕКА ЧЕРАВА


Средишното поле на Черава

Стоејќи на браната на акумулацијата покрај Стропцка, човек има добар поглед врз релативно рамното средишно поле на река Черава, опкружено со ридот Пеплашит (Kodra e Pepllashit; 967 м.н.в.) на север, ридовите Мала Селмит (Kodrat e Mhala е Selimit; 949 м.н.в) и Блаце (Kodrat e Blaces; 10011) на исток, а на југ со ридовите на Грабовице (Grabovice): Кепејт (Kepejt; 939 м.н.в.) и Кунгулит (Kungullit; 1112 м.н.в). Алувијалните и трофичните почви на средишното поле и ридовите кои го опкружуваат обезбедуваат поволни услови за одгледување на многу земјоделски култури. Климата е, исто така, пријатна – благи зимски и свежи летни сезони – со просечна температура од 9 до 10оС и просечни врнежи од 800 до 900 mm. Пред 1991 г. се обработуваше секое достапно парченце од ова плодно земјиште; исто така, поголемиот дел од шумата беше претворен во обработливо земјиште.

Малку после акумулацијата покрај Стропца, реката минува низ село Лешница (Leshnice) (851 м.н.в) и, упатувајќи се на исток, набргу стигнува до село Черава (Çerravе). Село Черава (794 м.н.в) со повеќе од 2000 жители е најголемата населба во целиот слив. Низ село Черава, како и низ повеќето соседни села, реката мора да си го пробива патот низ купишта ѓубре фрлени во нејзиното корито. Повеќето домаќинства немаат септички јами па отпадните води се празнат директно во реката или низ бразди кои се протегаат покрај патиштата и конечно се вливаат во река Черава. Често може да се видат купишта шталско ѓубре покрај каналите за наводнување, одводите или на самиот речен брег.






Поглед врз акумулацијата кај село Стропцка



Во канцеларијата на претседателот на комуната Черава – г-дин Фестим Кило (Festim Killo) – тимот имаше уште една средба за да собере повеќе информации за комуната Черава и албанскиот дел на сливот воопшто. Г-дин Кило објасни дека село Черава е административен центар на комуната Черава која опфаќа површина од 83ha, има 11 села: Нижавец (Nizhavec), Претуша (Pretusha), Кодра (Kodras), Грабовице (Grabovice), Ќершизе (Qershize), Черава (Çerrave), Аларуп (Alarupi), Блаце (Blaces), Братомир (Bratomire), Лешница (Leshnice) и Љумас (Ljumas) од кои 6 села, со вкупно околу 6000 жители (проценка за 2000 г.) се во сливот на река Черава. Г-дин Дашамир Чауши (Dashamir Çaushi), агроном, ни кажа дека дека областа во главно е засадена со фуражни култури (600ha) и пшеница (околу 350ha). Лозјата (180ha) доминираат со пејсажот на падините, а на другите површини се одгледуваат жито (170ha), грав (100ha), разни видови на зеленчук (50ha), ротквица (40ha) и компир (30ha). Според Веџи Чинари (Vexhi Çinari), шумарски инженер и раководител со Окружната служба за шумарство на Поградец, шумите на албанската страна од сливот покриваат 2586ha, од кои дабот е застапен на 1747ha, буката на 257ha, костенот на 275ha и шикарите на 307ha. Во 1987 г. имало 71000 m3 дрвна маса. Со шумите во сливот управуваат шумските стопанства „Аларуп“ („Alarup“) и „Дардас-Претуше“ („Dardhas-Pretushe“), со кои пак управува Управата на службата за шумарство во Поградец. Многу диви животни, како дивата свиња (Sus scrofa), срната (Capreolus capreolus), европскиот зајак (Lepus europaeus), лисицата (Vulpes vulpes), Alectoris graeca, Perdix perdix, Columba oeanas и др. живееле во околните шуми, правејќи од областа значајно ловиште. Како и да е, за време на раните фази на транзицијата, а посебно за време на политичкиот и стопанскиот колапс во 1997, шумарскиот сектор во сливот бил сериозно нарушен и некои од овие животни, како дивите свињи и срните, исчезнале.





Река Черава во близина на селото Пишкепи, непосредно пред Албанско-Македонската граница



Поројницата Содолит


После селото Черава реката свива кон север и набргу се спојува со поројницата Содолит (Perroi i Sodolit). Поројницата Содолит се создава во засебно сливно подрачје, во областа околу село Аларуп (1097 м.н.в.) на западната страна на планината Галичица. Сливното подрачје на поројницата се состои воглавно од пасишта на падините и дабова шума, на стрмните западни падини на Галичица. Шумите се тешко деградирани поради прекумерното испасување, претежно од кози, но и поради незаконско сечење за огрев или градежни материјали. Поголемиот дел од водата која се влева во река Черава настанува по поројни врнежи. Не постојат постојани водотеци затоа што повеќето од нив пресушуваат во тек на летниот период. Ископани се канали за да ја прибираат дождовницата од потоците, која потоа се собира во мала акумулација во близина на село Братомир, надвор од природниот слив на река Черава.

На 1100 м.н.в., северно од село Аларуп, погледот се простира на речиси целиот слив на река Черава на албанска страна. На север се наоѓа големиот басен на Охридско Езеро, а на југ ширкото корчанското поле. Од врвот Гури те Камјес на запад, поминувајќи ја границата помеѓу двете држави, до устието во близина на манастирот Св. Наум, сливот на Река Черава се простира на околу 100 km2. Според Синиша Станковиќ, повеќето од ридовите се песокливи, со терциерно потекло, со понтиски песок кој прави прилично дебели наслаги, посебно на западната страна. Овие терцијарни талози ги покриваат мезозоичните наслаги кои избиваат, највоочливо, во близина на манастирот Св. Наум, на северо-исток. Басените  на Охридско Езеро, коритото на Река Черава, басените на Корча и на преспанските езера, од другата страна на планината Галичица, спаѓаат во групата на десаретски басени. Сите овие басени се со тектонско потекло. Во минатото, десаретските басени биле исполнети со вода; геолошките проучувања укажуваат дека на ниво на вода од 920 м.н.в. сите овие езера биле взаемно поврзани.






Панорамски поглед на село Пишкепи


Како што реката се доближува до албанско/македонската граница, долината се стеснува, опколена со ридовите Кукуричес (Kodrat е  Kukurices; 935м.н.в) и планината Згања (Korija е Zganjes; 964 м.н.в) на север, и ридовите Краста е Главeс (Kodrat e Krasta e Glaves; 884 м.н.в.) и Гузи (Guzi) на југ. Во поголемиот дел од течението низ средишното поле, низводно од село Черава, сè до албанско/македонската граница, брегот на реката е гол - непошумен - поткопан од силните струи кои настануваат по обилните врнежи. Селото Љумас е последното село од комуната Черава и остатокот од територијата на сливот на албанска страна е раководен од комуната Бучимас (Buçimas). На врвот на ридот Гузи има уште еден рудник, јагленокопот Аларуп. Во доцните 1990-ти и овој рудник бил затворен како нерентабилен. Водите од потоците на ридот биле користени во процесот на измивање на рудата, а отпадните води биле собирани во мал таложник. Иако моментално не се користи, по обилни врнежи, водата од таложникот претекува во околните потоци и конечно се излива во Река Черава.
Web master: Oliver Avramoski


Предходна      Содржина     Следна