РЕКА ЧЕРАВА   


ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО СЛИВОТ НА РЕКА ЧЕРАВА

Оливер Аврамоски, АЛЛКООП Македонија

Web-мапа
Барај


        ПО ТЕЧЕНИЕТО НА РЕКА ЧЕРАВА


Прегратка со езерото: Љубанишко поле

Непосредно под село Пишкупи (Pishkupi; 899 м.н.в) реката повторно свртува, пробивајќи се низ кањонот меѓу ридовите Војтино (874 м.н.в) на исток и Згања на запад и, поминувајќи ја меѓудржавната граница, влегува во широкото љубанишко поле. Поминувајќи 18 km реката се влева во „големата вода“ на Охридско Езеро, носејќи во просек 1,5 m3 вода во секунда. Подлогата на полето се состои од карбонатен комплекс, составен од водопропусни камења, варовник и мермер. Камењата се разликуваат по водопропусноста и таму каде што таа е најголема, се јавуваат силни карстни извори. Таков случај има во близина на манастирот Св. Наум, каде што околу четириесет и пет извори создаваат доста големо езеро. Просечната длабочина на ова езеро е 2 m а најголемата длабочина е 4.5 m; просечната температура на водата во текот на годината варира помеѓу 7оС и 9оС. Кратката река која тече од ова езеро во Охридско Езеро се смета за горен тек на реката Црн Дрим која повторно се појавува на 30 km на север, на другиот крај на Охридско Езеро, кај градот Струга. Издашноста на изворите, кои се снабдуваат и од врнежи и од преспанските езера, се движи од 4.0 до 12.0 m3s1, со просече проток од 7.5 m3s1. Максималниот проток се постигнува во периодот меѓу мај и јуни, а минималниот прилив е во есенските месеци (есенски минимум), или во периодот меѓу февруари и март (зимски минимум). Врнежите измерени во станицата Св. Наум покажуваат 888.6 mm дожд како годишен просек.





Панорамски поглед на
Љубанишко Поле во долниот дел на сливот на река Черава


Порано, река Черава формирала широка делта во љубанишко поле, со две главни гранки. Полето меѓу заливот на Љубаништа и десната гранка на делтата се наоѓа на надморска висина меѓу 693,5 и 694,5 m па водата од потокот од Љубаништа и локалните извори се собира, создавајќи типичен мочуришен екосистем; најголемиот негов дел, пак, бил исушен во тек на 1970-тите. Во истиот период делтата на реката била регулирана така што сега има само едно регулирано речно корито. Дополнително, заради наводнување на љубљнишко поле изградена е пумпна станица во близина на езерцето кај Св. Наум, а водата била  пумпана дури и на другата страна на река Черава.

Туризмот и земјоделството се најважни стопански дејности во овој дел од сливот на река Черава. Манастирот Св. Наум, сместен на возвишение покрај малечкото езеро и брегот на Охридско Езеро е еден од најпознатите туристички дестинации во регионот. Како ученици на славните Св. Кирил и Св. Методиј, Св. Наум и Св. Климент се населиле во Охрид во доцните 880-ти. Во 900 г. Св. Наум изградил малечка црква која подоцна била придружена од манастир и низ вековите ова место се издигнало во еден од најважните верски светилишта и споменици на културата во регионот. Денес, во рамките на манастирскиот комплекс Св. Наум постои модерен хотел со 6 двокреветни соби, 21 двокреветни апартмани, 2 трокреветни соби, апартмани, ресторант со 150 седишта, конференциска сала за 150-200 учесници и сала за состаноци со 50 седишта. Во непосредна близина на македонско/албанската граница е сместен современ воен авто-камп, а на еден од двата мали острови во малечкото езеро работи многу познат ресторант со 100 седишта внатре и 450 седишта надвор. Веднаш под село Љубаништа е сместен авто-кампот „Љубаништа“ со површина од 10 хектари, опремен со 100 камп приколки со 400 кревети, паркиралишта за 2000 кампери, ресторант, киосци за скара, продавница за прехрамбени продукти и сопствена песочна плажа долга 1500 m.







Поглед кон манастирот Свети Наум



Земјоделството е подеднакво важна стопанска дејност во регионот. Најголем дел од обработливото земјиште сега е дадено под закуп од државата на акционерското друштво „Горица“ - поранешна земјоделска задруга. Поголемот дел од ова земјиште е добиено од црквата преку национализација или после исушувањето на делтата на река Черава во 1970-тите. Моментално „Горица“ има 18ha под лозја и 50ha претежно под житарици (најмногу пшеница), но исто така и зеленчук и фуражни култури. Пред 1990-тите, во ова стопанство доминирале овоштарници со јаболка, заради што бил изграден магацини на површина од 2000 m2. Дополнително, во обид да ги прошират активностите преку одгледување на добиток, во 1980-тите претпријатието изградило трло за околу 1000 овци. Сепак, сточарењето набргу било напуштено. Во 2002, 18ha од земјиштето покрај левиот брег на Черава, порано користени од „Горица“, биле отстапени на приватната фарма „Јанг-Це“ како закупувач, исто така за да се користат за земјоделско производство. Остатокот од обработливото земјиште го користат индивидуални земјоделски производители од село Љубаништа, претежно како дополнителна дејност на домаќинствата чии членови се вработени во други, неземјоделски, дејности. На бројни малечки парцели, индивидуалните домаќинства одгледуваат разновидни култури, за сопствена употреба и продажба, и фуражни растенија за исхрана на добиток.

Шумите и шумските култури покриваат околу 1000ha од вкупната површина на сливот на река Черава во Македонија. Вкупната дрвна маса изнесува околу 39500 m3; дел од неа се користи како огревно дрво. Шумите во регионот се состојат воглавно од дабови шуми измешани со други листопадни дрвја. Плоскач-церовата заедница (Quercetum frainetto cerris; 87ha) може да се најде само на левиот брег на река Черава, додека благун-белгаберовата заедница (Querco-Carpinetum orientalis macedonicum) е најзастапена и покрива 355ha. Церовата шумската заедница (Orno-Quercetum cerris) покрива 241ha, а остатокот е под заедница на благун со црн габер Querco-Ostryetum carpinifolie (161ha), црн габер-церова заедница (Ostryo-Quercetum cerris; 77ha) и подгорска букова шума (Festuco heterophyllae-Fagetum; 70ha). Со шумата управува Националниот парк „Галичица“.

Помеѓу цицачите за кои се знае дека ја населуваат планината Галичица се наоѓа кафеавата мечка (Ursus arctos), волкот (Canis lupus), бројни видови дивеч како што се дивата свиња, европскиот зајак, дивата мачка (Felis sylvestris), лисицата (Vulpes vulpes), срната, ласицата (Mustela nivalis), творот (Mustela putorius), јазовецот (Meles meles), куната златка (Martes martes), куната белка (Martes foina), ежот (Erinaceus concolor), верверица (Sciurus vulgaris) и др. Постојат податоци за присуството на рисот (Lynx lynx) и видрата (Lutra lutra) во сливот на Охридско Езеро, но не е сигурно дали овие животни можат да се најдат на македонскиот дел од сливот на река Черава. Плитките води на Охридско Езеро во оваа област се важни дестинации за презимување на водните птици. На пример, во 1998, девет проценти од водните птици на Охридско Езеро презимија во оваа област; таа е посебно привлечна за повеќе видови од родот Anas.






Зградата на месната заедница (и дом на културата) во село Љубаништа



На крај од студиската екскурзија, во зградата на месната заедница Љубаништа, тимот имаше кратка средба со претседателот на месната заедница, Г-дин Ѓорѓи Траески, нејзиниот секретар, г-дин Здравко Ристески и неколку други членови како и г-дин Тодор Сотироски, претседател на невладината организација за заштита на животната средина „Извори на река Црн Дрим“, од Љубаништа. Според г-дин Траески селото има 215 жители, и 240 домаќинства (од кои 176 се викенд куќи), при што секое има пристап до основната инфраструктура - систем за водоснабдување (пред кратко време реконструиран), електична мрежа, телефонска мрежа - но недостига канализација. Нема невработеност во селото; некои луѓе работаат во туристичките капацитети во областа или во земјоделската задруга „Горица“, но многумина се вработени во градот Охрид.

Г-дин Траески информираше за загриженоста на селаните за нивното здравје и развојот на туризмот во областа поради несоодветните септички јами и немањето можности за изградба на канализација во догледна иднина. Тој исто така го спомна проблемот со непрописното фрлање на цврстиот отпад во областа, исто така, како приоритетно прашање. Друго прашање кои ги загрижува жителите на Љубаништа е ризикот од поплави предизвикани од река Черава затоа што речното корито е обраснато со дрвја и грмушки.

Од тоа што можеше да се забележи од посетата на областа, а не беше спомнато од мештаните, се новите дивоградби кои се еден од најсериозните проблеми за локаланата животна средина. Од прогласувањето на Националниот парк „Галичица“ во 1958 г. имало неколку обиди за изградба на викенд куќи во заштитената зона во областа, но биле спречени поголеми пореметувања. За жал, ситуацијата за време на периодот на транзиција е драстично изменета и воопшто евидентен е порастот на бројот на куќи и викендички во областа меѓу кампот „Љубаништа“ и река Черава.
Web master: Oliver Avramoski


Предходна      Содржина     Следна