Sliki od Regionot  

РЕКА ЧЕРАВА   


ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО СЛИВОТ НА РЕКА ЧЕРАВА

Оливер Аврамоски, АЛЛКООП Македонија

Web-мапа
Барај


 ПОВАЖНИ АСПЕКТИ НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА: АНАЛИЗА


Населението во сливот на река Черава се соочува со многубројни предизвици во управувањето со природните ресурси на општествено прифатлив, еколкошки одржлив и економски ефикасен начин. За да се постигне одржлив развој во сливот важно е да се разбере животната средина, како луѓето неа ја користат, и какво влијание тоа користење има врз нивните сопствени животи, но и врз живеењето на другите. Тие мора да ги препознаат врските помеѓу различните делови на животната средина, и потребите со неа да се управува во целост. Дополнително, тоа подразбира да се мисли не само на природните ресурси, туку пошироко, да се вклучат и општествените и финансиските потреби, не само на луѓето кои живеат во сливот, туку и на нивните соседи и на пошироката заедница.

Користењето на водата и притисоците врз водните ресурси

Водата е витален фактор за социо-економскиот развој на сливот на река Черава. Водата е основа на здравјето, производството на храна и на индустриското производство. За жал, состојбата со водата во сливот на река Черава е воглавно тешка, затоа што изворите на вода се оскудни, нерамномерно распределени, се користат од широк круг на потрошувачи, и не се управувани интегрално. Сепак, има забележителни разлики помеѓу различните делови од сливот, посебно помеѓу албанскиот и македонскиот дел. Во принцип, не постојат доволно податоци за квалитетот и квантитетот на достапните површински и подземни води. Не постојат хидролошки станици, ни во албанскиот, ни во македонскиот дел од сливот на река Черава. На пример, податокот за просечниот проток на река Черава е само проценка заснована на хидролошките набљудувања на регионот со користење на морфометрички податоци за сливното подрачје. Не постои редовен мониторинг систем за река Черава и нејзините притоки, иако некои податоци се достапни од некои скорешни научни истражувања на Хидробиолошки завод (ХБЗ) од Охрид, Македонија (од 1996 до 1998 - само за македонската страна) и Програмата за мониторинг на Охридско Езеро (ПМОЕ) на заедничкиот албанско/македонски Проект за заштита на Охридско Езеро. Во рамките на ПМОЕ, од 2000 до 2002, во месечни интервали, мерени се следните параметри во проби од река Черава и Охридско Езеро, во близина на нејзиното устие: растворен кислород, растворени биолошко разградливи органски материи, вкупен фосфор (Слика 1) и вкупен азот. Исто така, следена е и содржината на некои тешки метали во водата од реката односно во литоралната зона околу устието на река Черава (Табела 1).

Поголемиот дел од населението во албанскиот дел на сливното подрачје има пристап до локалните водоводи, иако, во некои села (на пр. Дардас , Стропцка, Пешкепи) до 60 % од домаќинствата користат индивидуални системи за водоснабдување (бунари) или јавни чешми. Во албанскиот дел од сливот локалните власти немаат доволно пари да ја одржуваат и подобруваат инфраструктурата за која што се одговорни. Постоечката мрежа за водоснабдување, секако, има потреба од рехабилитација, затоа што таа во поголем дел е неразвиена или застарена, лошо се одржува или била оштетена за време на граѓанските немири од 1991 и 1992 г. Во просек, цевките се стари по 30 години и во голем дел ’рѓосани,  поради тоа што се изработени од лиен челик. Сите јавни мрежи за водоснабдување зависат од изворските води: водата не се дезинфицира, или се дезинфицира нередовно и нерамномерно. Прекините во работата на локалните водоводни мрежи и недостатокот од правилен третман го зголемуваат ризикот од загадување со надворешни агенси – биолошки, хемиски или микробиолошки. Селаните често копаат сопствени бунари без било каков надзор на квалитетот на водата или придржување кон санитетско-заштитните мерки.

Состојбата со отпадните води е критична во целиот слив. Заради економската криза, инфраструктурата за одведување и преработка на отпадните води не се развивала доволно брзо за да го прати порастот на загадувањето. Површинските водотеци се релативно чисти во горните текови, но набрзо се загадуваат во средните и долните текови, воглавно заради вливањето на непрочистени отпадни води од населбите, но исто така и поради земјоделското и индустриското (посебно од рудниците) загадување. Тажен факт е дека река Черава во некои свои делови е претворена во колектор на отпадни води. На македонската страна на сливот за потребите на двата авто кампа се изградени мали прочистителни станици за отпадни води (биодискови), но заради лошо одржување во моментов тие се оштетени и не работат. Повеќето домаќинства во македонскиот и некои во албанскиот дел од сливот имаат септички јами за собирање на отпадните води. Но, најголем дел од нив се нефункционални заради неправилна изработка (порозни ѕидови од камен) или лошото одржување. Иако хотелскиот комплекс „Св. Наум“ има релативно прописна септичка јама, отпадната вода и милта од јамата неправилно и незаконски се истураат некаде во сливното подрачје, најчесто во близина на или во самата река Черава.





Јаловина од рудникот Дардас одложувана покрај самата река Черава



Рударската индустрија во албанскиот дел од сливот била важен извор на загадување на водата (но исто така и на земјиштето и на воздухот), заради застарените и неефикасни процеси, начините на преработка на рудата, несоодветниот третман на отпадните материи и недостигот од заштитни мерки. Поради недоволниот надзор над рударските и индустриските отпадни води, загадувањето на површинските водотеци во минатото било до тој степен големо да водата била непогодна дури и за наводнување. Количествата на метални јони (Fe, Mn, Cu) или киселини во водата за наводнување никогаш не се целосно проценети, иако студиите од 1980-тите покажуваат висок процент на  закиселување на земјиштето во албанскиот дел од сливното подрачје. Како и да е, заради економското опаѓање и пропаѓање на индустриското производство, загадувањето предизвикано од рударските активности драстично е намалено и моментално не се смета како приоритетен проблем. Но, напуштените рудници сеуште се извори на загадување заради недостигот од финансиски средства за нивно расчистување и санирање.






Средниот тек на река черава во близина на селото Лешница



Непостоењето на канализација и прочистителни станици за отпадни води се причина не само за лошиот квалитет на водата туку и за нискиот животен стандард на луѓето во сливното подрачје. Деградацијата на квалитетот на водата во реките влијае врз подземните води, а ризикот е посебно голем во карстните зони на сливот, каде што површинските води продираат брзо во земјата низ пукнатините и потоа се мешаат со подземните води без претходно процедување низ земјишните слоеви. Брзото опаѓање на квалитетот на водите, исто така, влијае и врз развојот на туризмот, посебно на македонската страна од сливот. Заради високите концентрации на фосфор (до 76 μg L-1) и покрај релативно малиот проток, река Черава секоја година носи околу 1.27 тони фосфор во Охридско Езеро, со што предизвикува силна еутрофикација во крајбрежната зона околу нејзиното устие. Според концентрацијата на хлорофил измерена во 1999-2000, зоната околу устието на река Черава е мезотрофна. Туристичките капацитети на македонската страна на сливот исто така имаат силно влијание врз Охридско Езеро, посебно за време на летната сезона заради големиот прилив на туристи и непрочистувањето на отпадните води.
Web master: Oliver Avramoski


Предходна      Содржина     Следна