Шталското ѓубре представува сериозен извор
на загадување во одредени делови на сливот, посебно на албанска страна.
По приватизацијата во земјоделството во раните 1990-ти, бројот на
грлата
добиток е значително зголемен затоа што, за вакво производство е
потребен
мал капитал, како и заради зголемената побарувачка за добиточни
продукти
на пазарот. Може да се очекува дека постојаното унапредување во
одгледувањето и селекцијата на домашните раси добиток и подобрениот
пристап до ветеринарната заштита ќе доведат до зголемување на
производството во оваа област. Иако, во моментов, отпадните води од
фармите со добиток не се сметаат за приоритетен проблем, во блиска
иднина ќе мора да се поведе сметка за тоа како се
управува со шталското ѓубре од бројните малечки фарми (2-3 крави, 10-20
овци и кози).
Албанскиот дел на сливот беше, и уште
долго време ќе остане, земјоделска област. Затоа, искоренувањето на
сиромаштијата неизбежно ќе биде поврзано со унапредувањето на
земјоделското производство. Познато е тврдењето дека сиромаштијата води
до деградирање на животната средина. Многу еколошки проблеми се
поврзани со активностите на социјалните групи со ниски примања. Важно
прашање, на кое мора да се одговори, е: дали сиромаштијата предизвикува
деградација на животната средина или обратно? Можно е, сиромаштијата
истовремено да е и причина и последица на деградацијата на животната
средина, како што често се тврди во литературата. Оттука, развојот на
земјоделството во сливот, може да помогне во искоренувањето на
сиромаштијата, или да ја зголеми. Малечките, непродуктивни фарми кои се
изградени на неплодно земјиште, претераното испасување и злоупотребата
на стрмните падини за земјоделско производство, се главните пречки за
развој на земјоделското производство во албанскиот дел од сливот. Во
овој дел од
сливот, земјоделскиот сектор сноси последици од недостигот на капитал и
можности за кредитирање, недостигот на добри врски со пазарите и
несоодветните можности за транспорт. Патиштата се лоши и ретки, и
населбите се изолирани. Вложувањето во механизација за малечките
парцели е неисплатливо и во моментот таа е многу ограничено достапна.
Наводнувањето нуди можност за одгледување на две до три жетви годишно.
Но, распределбата на земјиштето и општествените пресврти предизвикаа
сериозни оштетувања на системите за наводнување и одводнување, односно
врз системите за заштита од ерозија. Освен тоа, преовладуваат методите
за површинско наводнување каде ефикасноста во користењето на водите не
надминува 60 %. На македонскиот дел од сливот, нејасните сопственички
односи во однос на земјоделското земјиште и организационите проблеми
поврзани со предимензионираните капацитети се главните проблеми за
унапредување на слабите перформанси на земјоделското стопанство
„Горица“.