Управување со отпад
Управувањето со комуналниот отпад е суштинско прашање за одржливиот
развој, но не може да се набљудува изолирано од општите политички и
стопански
услови во периодот на транзиција. Во моментов, несоодветното собирање и
одлагање на цврстиот отпад се извори на многу сериозни проблеми и
ризици
по животната средина, здравјето на луѓето и нивната социјална положба.
На албанската страна на сливот во селата не постои служба за собирање и
одлагање на комуналниот смет – нема претпријатие кое го собира,
транспортира
и одлага цврстиот отпад во општините. Отпадоците се одлагаат на било
кое
достапно место во селата и нивната околина, или се палат, создавајќи
чад
кој содржи токсични супстанции (диоксини, фурани). Освен тоа,
општинскиот
отпад од градот Поградец се одлага на депонија делумно сместена во
сливното
подрачје на река Черава. Депонијата нема дренажен систем и/или
водонепропустлив
слој кој би спречил истекување и цедење на отпадните води од депонијата
во подземните води. Нема податоци за квалитетот на површинските и
подземните
водотеци во близина на депонијата.
Веќе неколку години, јавното комунално претпријатие од Охрид
„Комуналец“ редовно го собира цврстиот отпад од Љубаништа и
туристичките капацитети на македонскиот дел од сливот. Ова ги намали
незаконските депонии во регионот во голема мерка, но не целосно, и
големо количество цврст отпад сеуште се наоѓа на незаконската депонија
во близина на река Черава. Сеуште ништо не е преземено за собирање и
одлагање на градежниот шут.
Одстранувањето на општинскиот отпад во сливот на река Черава бара
неодложна акција. Но, управувањето со отпадот бара соодветна
инфраструктура, ракување, чување, истражување и развој, а сите овие
предуслови недостасуваат или се недоволни. Моментално, не постојат
податоци за количеството и составот на отпадот. Не постојат капацитети
за сортирање, обработка или рециклирање на комуналниот смет во сливот,
но исто така и во поширокиот регион – сливот на Охридско Езеро. Исто
така, нема доволно информации во јавноста во врска со комуналниот смет,
посебно во однос на сортирањето и рециклирањето.