РЕКА ЧЕРАВА   


ИЗВЕШТАЈ ЗА СОСТОЈБАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ВО СЛИВОТ НА РЕКА ЧЕРАВА

Оливер Аврамоски, АЛЛКООП Македонија

Web-мапа
Барај


         ПОТРЕБА ЗА ИНТЕГРИРАН ПРИСТАП КОН ЖИВОТНАТА СРЕДИНА:                      УПРАВУВАЊЕ НА НИВО НА СЛИВ 


Природните ресурси во сливот на река Черава се основата за стопански и општествен развој. Заради тоа, стопанскиот развој, општествениот напредок и заштитата на животната средина – се неразделни. Постигнувањето на рамнотежа помеѓу искористувањето на ресурсите и нивната заштита е централно прашање на одржливиот развој во сливот на река Черава. Водата е клучниот медиум низ кој енергијата, елементите, земјиштето и загадувачите кружат низ биосферата. Поради тоа, за сливните подрачја се мисли дека обезбедуваат целосна рамка на односи во која може да се постапува по прашањата на животната средина. Исто така, сливните подрачја обезбедуваат функционална единица од социјален аспект – сите во дадениот слив зависат од здравјето на сливот и тоа преку водата за пиење, заштитата од поплави, заштитата од токсични супстанции, ресурси, и дуги елементи на квалитетот на животот. Исто така, сливовите обезбедуваат соодветен приод за за согледување на основните врски помеѓу низводните и возводните ефекти. Поради тоа, менаџментот на ниво на слив широко се применува како приод кон управување со  земјиштето, водата и стопанските и општествените ресурси, врз основа на принципите на интегрираност и одржливост, а со цел подобрување на стандардот на луѓето во квалитетна животна средина.



Сливот на река Черава


Вообичаено, сливот се определува според топографски мапи со поврзување на највисоките точки и гребени со што се оцртуваат површините од кои водата се слива во реката (види Слика 2). Во рамките на овие граници, кога врне, кога се топи снегот, или при наводнување, водата тече по површината на земјата или низ каналите (реки, потоци, поројници) и на крај се слева во река Черава. Но, водата исто така продира во, и низ земјиштето, како и под земја. Подземните води се води кои ги пополнуваат малечките простори меѓу наносите (песок, чакал, мил, глина) или пукнатините во карпите. Подземната вода и површинската вода меѓусебно се фундаментално поврзани. Во стварност, многу често е тешко да се направи разлика помеѓу двете затоа што тие се „прихрануваат“ меѓусебно. Многу сливови се „вгнездени“ во други поради што управувањето на ниво на слив изискува пристап од повеќе перспективи и размери. На пример, сливот на река Черава е дел од сливот на Охридско Езеро, кој пак е дел од многу поширокиот слив на реката Дрим. Постапките во река Черава можат да предизвикаат значајни последици за Охридско Езеро и подеднакво сериозни последици во други делови низводно во река Дрим.




Соработката меѓу интересентите од двете страни на границата е незаменлив предуслов за успешна примена на интегрирани решенија за проблемите од животната средина во сливот на река Черава


Со користење на топографски мапи ние обично сме во состојба да го определиме само површинскиот слив на река Черава. Но, подземните води не мора секогаш да ги следат истите граници на сливот како површинските води. Во случај на недостиг на информации, границите на површинскиот слив може да се користи за приближно одередување на границите на сливот на повисоките подземни води. Но, во случајот на река Черава, многу е веројатно, површинскиот и подземниот слив да не се совпаѓаат, од причина што во карстните зони во сливот тешко може да се предвиди патот на подземните води. На пример, полето во близина на село Блаце вообичаено е вон границите на површинскиот слив на река Черава. Но, може исто така да се покаже точно дека водата која продира низ горните слоеви на земјата во полето ги полнат подземните води поврзани со река Черава или со подземни водотеци кои се вливаат во Охридско Езеро. Освен тоа, со изградбата на акумулации и канали за наводнување водата да се пренесува не само помеѓу одделните делови на сливот туку и од сливот на Река Черава до корисниците во соседниот слив на река Девол (Devoli) и обратно. На пример, големата акумулација близу Претуша е вон границите на сливот на река Черава, но по потреба може да се користи за наводнување или полнење на акумулациите во сливот на река Черава.

Сепак, главен предизвик во управувањето со сливот се границите меѓу луѓето. Концептот за управување на ниво на слив често пати се базира на дефинирање на сливот како чисто хидролошка единица, ослободена од културни и политички поделби и граници. Сепак, откако ќе го признаеме присуството на луѓето, стануваме свесни за фактот дека границите на сливот на река Черава опфаќаат многу политички граници, на различни нивоа. Албанскиот дел од сливот припаѓа на Округот Поградец, дел од Префектурата Корча. Освен тоа, реката поминува низ границите на три комуни: Дардас, Черава и Бучимас; со македонскиот дел од сливот управува општина Охрид. На крај, постојат и други граници, понекогаш помалку видливи, кои се родиле во различното религиско, културно и етничко потекло на луѓето кои го населуваат сливот. Границите во мислите на луѓето можат да се покажат како најтешко премостливи во случајот на сливот на река Черава, особено кога се има во предвид скоро целосниот прекин на комуникацијата преку албанско/македонската граница во текот на 40 години и повеќе. 

 



Заклучоци и препораки

Ниту една единствена граница не може соодветно да ги опфати  разноврсните интереси, проблеми и можности во сливот на река Черава. Пристапот за управување на ниво на слив е изграден врз концептот за екосистем – природната основа на сите човечки активности – концепт кој ја открива „вгнездената“, хиерархиска структура на екосистемите. Тоа значи дека границите на еден слив можат да варираат во зависност од размерот, опсегот на набљудување. Границите на сливот на река Черава даваат можност да се дефинира функционална менаџмент единица за еколошки прашања кои граѓаните кои живеат во сливот не можат да ги разрешат во рамките на регионалните и државни административни граници. Ова е посебно точно за оние проблеми кои произлегуваат од односите меѓу корисниците возводно и низводно - на пример опаѓањето на квалитетот на водата во литоралната зона на Охридско Езеро, во близина на устието на река Черава. Во поголем размер, река Черава се гледа како дел од сливот на Охридско Езеро. Од оваа перспектива може да се види дека населението кое живее во сливот на река Черава може да се надева на поголем пазар за земјоделските производи, надвор од сливот, посебно во случај да туризмот околу Охридско Езеро го врати своето поранешно значење. Туризмот во голема мерка е втемелен врз природните вредности на регионот, посебно врз високиот квалитет на езерските води, кои пак, од друга страна, зависат од активностите во сливот на река Черава, барем до определено ниво.

Оттука, кога се донесуваат одлуки за тоа какви активности треба да се превземат, треба да се следи истиот пристап. На различни нивоа од хиерархиската структура на екосистемот во регионот, постојат различни видови на интересенти и улоги кои тие можат да ги играат. Управите на комуните на албанската страна и соседната самоуправа (месната заедница Љубаништа) се меѓу клучните фактори и субјекти на ниво на сливот на река Черава. Главните области во кои тие може да одиграат клучна улога секако се управувањето со цврстиот отпад (барем до определено ниво), јавната свест за животната средина и на крај, но не помалку важно, прекуграничната соработка. Наследството од минатото, посебно политичката изолираност на режимот во Албанија, ги нарушија односите меѓу луѓето во басенот кои се развивале низ вековите. Приодот на управување на ниво на слив изискува исклучително силна прекугранична соработка помеѓу граѓаните, индустријата, управните органи (државни, регионални и локални), приватните институции и академските организации кои имаат интереси или надлежности во регионот, а посебно во сливот на река Черава. Соработката помеѓу интересентите и субјектите, особено прекуграничната соработка се особено значајни за идниот развој во сливот на река Черава.
Web master: Oliver Avramoski


Предходна      Содржина